Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) утринава објави нова временска прогноза, со која фокусот од силниот ветер се префрла на врнежите. Во наредните денови се очекуваат дожд и снег, а на почетокот на февруари – поизразено заладување.

Денес (26 јануари) времето ќе биде умерено до целосно облачно. Во западните делови ќе има периоди со суво време, додека во останатите краеви ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините – снег. Поголеми количества врнежи се очекуваат попладне и во текот на ноќта, особено во источните и југоисточните делови. Ќе дува умерен до засилен јужен и југоисточен ветер, кој постепено ќе слабее. Дневните температури ќе се движат од 4 до 12 °C.

Утре (27 јануари) ќе преовладува претежно облачно време. Во утринските часови во повеќе делови ќе има дожд, додека во ридско-планинските предели ќе има врнежи од снег. Краткотраен снег е можен и во пониските места, особено во утринските часови. Во текот на денот врнежите ќе престануваат, а од запад ќе има постепено разведрување. Минималните температури ќе бидат од -1 до 3 °C, а максималните од 4 до 10 °C.

Во среда (28 јануари) времето ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд и засилен јужен ветер, кој на повисоките места ќе биде и силен.

Од четврток до сабота (29–31 јануари) се очекува претежно облачно време со локални врнежи од дожд, а на планините и повремени врнежи од снег, со скртување на ветерот во северен правец.

На почетокот на февруари следува заладување, стабилизирање на времето и постепено намалување на врнежите.