Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, денес поднесе оставка од функцијата, што беше потврдено и од самата институција. Со писмено известување до Собранието, тој официјално се повлекува од позицијата што ја извршуваше во втор последователен мандат.

Бислимоски првпат беше избран на чело на РКЕ во јуни 2018 година, а неговиот втор мандат требаше да трае до 2028 година. Засега не се наведени конкретни причини за оставката, ниту пак тој или неговите соработници дадоа јавен коментар за одлуката.

Од РКЕ информираат дека, согласно законските процедури, Бислимоски ќе продолжи да ја извршува функцијата сè додека Собранието формално не донесе одлука за престанок на мандатот. Комисијата, како што велат, ќе продолжи редовно да функционира и да ги спроведува своите надлежности.

Во изминатиот период Бислимоски неколкупати беше во фокусот на јавноста и на критики од новата влада. За прашањето на независноста на Регулаторната комисија претходно реагираше и Енергетската заедница.

Неодамна против него беше поднесена и кривична пријава од Финансиската полиција, поврзана со постапка за одземање лиценца на нафтена компанија. Бислимоски тогаш изјави дека сите процедури се водени строго според Законот за енергетика и правилниците, и дека немало повластен третман за ниту еден субјект.

Тој нагласи дека РКЕ применува идентични правила и рокови за сите компании и најави целосна соработка со надлежните институции во врска со постапката.

Оставката отвори прашања за тоа кој ќе го наследи на функцијата и дали ова значи почеток на кадровски промени и во една од досега поавтономните институции во државата.