Секој што поседува или некогаш поседувал возачка дозвола знае дека со неа доаѓа и сериозна одговорност, но и високи казни доколку се прекршат сообраќајните правила. Сепак, приказната на Фарук Јазвин од Сараево одамна ги надминува вообичаените рамки.

Фарук важи за апсолутен рекордер по неплатени сообраќајни казни во Босна и Херцеговина. Неговиот долг кон државата достигнал неверојатни 280.000 конвертибилни марки, односно околу 143.000 евра. Поради тоа, неговото име со години се појавува на насловните страници на медиумите.

Како што самиот вели, сè започнало уште во 1998 година, кога научил да вози автомобил, но никогаш не успеал да добие возачка дозвола.

„Возам веќе 24 години. Полагам тестови, одам на лекарски прегледи, но не можам да добијам дозвола поради мојата мускулна дистрофија. Тоа е единствената причина зошто немам возачка“, изјави Фарук.

Тој тврди дека нема други прекршоци, освен тоа што управува возило без дозвола и со нерегистриран автомобил, кој, како што вели, му е неопходен за секојдневен живот.

„Продавницата ми е на 500 метри, но не можам да одам пеш поради болеста. Сопругата ми има шизофренија и не е во состојба да ми помогне. Ако не возам, мора некој друг да нè превезува, а за такси не секогаш има пари“, објаснува тој.

Фарук вели дека ги знае сообраќајните правила напамет и бара само една шанса да добие лекарско уверение.

„Од три печати, ми треба само еден. Имав можност да купам документи или да фалсификувам, но одбив. Сакам сè да биде чисто. Возам со чист образ“, вели тој.

За полицијата има само пофални зборови.

„Полицајците си ја работат работата. Возам – ме казнуваат. Немам што да им замерам. Не дај Боже да ги нема“, додава Фарук.

Иако полицијата побарала дозвола од МУП на Сараевската жупанија за одземање на возилото со кое ги извршувал прекршоците, Општинскиот суд сè уште не донел конечна одлука.

Случајот на Фарук и понатаму останува отворен и предизвикува поделени реакции во јавноста – дали станува збор за тврдоглав прекршител на законот или човек притиснат од животните околности.