Над сто ученици од Подрачното основно училиште „Кирил и Методиј“ во кумановското Агино Село, денеска ја бојкотираа наставата, барајќи да се реконструира училиштето. Родителите излегоа на протест да го потсетат Министертсвото за образование и наука дека со години чекаат да се создадат хумани услови за настава во стариот училиштен објект, а пред повеќе од година и пол поднеле и официјално барање за негова реконструкција, но уште немаат одговор.
„Училиштето во 1978 година го изградиле нашите предци, дедовци и татковци, со свои сопствени средства, со крв, пот и мака, без никаква помош на државата. Оттогаш наваму нема една шајка закована. Загрозена е и безбедноста на нашите деца, бидејќи кровот се распаѓа, па ќерамиди и друг материјал паѓа во училниците и во дворот. Моето дете за малку ќе настрадаше во еден таков инцидент. Затоа сме денеска тука, и бараме од надлежните што поскоро да најдат решение на проблемот, затоа што и нашите деца, како и останатите во државата заслужуваат да учат и да се едуцираат во подобри услови“, изјави Љупчо Николовски, претставник на Советот на родители.
Родителите велат дека во училниците нема ни табли, а тие сами купуваат креди, топки, канти за отпадоци, метли, а и вратата на училиштето сами ја поставиле и сами варосуваат. Тоалетот на училиштето е распаднат, а нема во него нема струја ни вода. Тие го обвинија директорот Скендер Рушити дека не се грижи да се подобрат условите за настава во нивното училиште.
Наспроти ова, тој вели дека тој е во постојан контакт со родителите и Општината, за да се најде решение на проблемот.
„И јас сум за тоа да се изврши целосна реконструкција на училиштето, поднесено е барање до МОН, но уште немаме одговор. Беше понудено од општината да се поправи само кровот, но заедно со родителите одлучивме да побараме целосна реконструкција. За жал, овде денеска не започна наставата, но јас сакам да ги видам учениците во клупите“, кажа директорот Рушити, кој дојде на протестот да се сретне со родителите.
Министерот Јетон Шаќири, кој денеска беше во Куманово, вели дека МОН не може да го реконструира училиштето затоа што Општина Куманово не доставила целосна документација и дозвола за реконструкција на објектот, но ако се отстранат тие пречки ќе се обезбедат средства.
Централното основно училиште „Кирил и Методиј“ е во селото Романовце, учат вкупно 380 ученици на македонски и албански јазик. Во подрачното училиште во Агино Село има 106 ученици, а денеска требаше да тргнат на училиште 7 првачиња.
Родителите најавија дека ако до 8 септември не добијат ветување дека ќе се реконструира училиштето, ќе следува целосен бојкот и помасовен протест на жителите.
