Демонстрантите во Непал ги нападнаа и ги запалија куќите на претседателот, премиерот и други министри.
Ситуацијата во Непал не се смирува. Откако демонстрантите денеска ја запалија зградата на парламентот, премиерот поднесе оставка и го повлече спорниот закон за забрана на социјалните мрежи. На удар се најдоа и припадници на корумпираната влада.
На социјалните мрежи се појавија вознемирувачки снимки на кои се гледа како демонстранти упаѓаат во куќите на министрите, ги претепуваат, ги палат нивните луксузни резиденции и ги фрлаат парите најдени внатре низ прозорците.
Нападнати и запалени беа куќите на претседателот, премиерот и повеќе министри. Аеродромот во Катманду ги прекина сите операции.
Луксузната резиденција на непалскиот министер за енергетика, за кој се тврди дека примал мито, беше запалена од демонстрантите, а запленетиот кеш беше фрлен во воздух.
Граѓаните упаднаа и во седиштето на Комунистичката партија, кое беше запалено, а од јарболот беше симнато и искинато познатото црвено знаме со срп и чекан.
Демонстранти упаднаа и во резиденцијата на корумпираната министерка за надворешни работи на Непал, Арзу Рана Деуба, и ја претепаа неа и нејзиното семејство.
Непалската војска објави соопштение во кое ги обвини демонстрантите дека ја користат моменталната криза за уништување, грабеж и палење на јавен и приватен имот.
Во соопштението се наведува дека ако ваквите инциденти продолжат, „сите безбедносни институции, вклучувајќи ја и армијата, ќе ја преземат контролата врз ситуацијата“, почнувајќи од 22 часот по локално време.
„Ги повикуваме сите граѓани да ја поддржат армијата во овој напор“, се додава со напомена дека понатамошни информации ќе бидат објавени „по процена на состојбата“.
