За медиумите се огласи и адвокатот Бранислав Станишиќ.

Пејачот Даниел Кајмакоски бил киднапиран во ноќта меѓу сабота и недела и сега се опоравува по ситуацијата во која се нашол, додека покрај него се најблиските кои му даваат поддршка.

Откако за медиумите се огласи неговата сопруга Марина и откри дека пејачот е под стрес, изјава даде и адвокатот Бранислав Станишиќ. Тој рече дека настанот оставил одредени последици и дека полицијата интензивно работи за осомничените да бидат изведени пред лицето на правдата.

– Истрагата е во тек и ќе потрае. Што се однесува до Даниел, тој е психички и физички добро, што е најважно за него и за семејството. Ситуацијата остави шок-последици, но, за среќа, ги надминува – изјави Станишиќ.

– Ако ме прашувате за самиот случај, не можеме да изнесеме повеќе информации додека осомничените за извршување на тешкото кривично дело не бидат приведени, бидејќи потрагата сè уште трае. Во договор со полицијата не можеме да споделиме повеќе детали во овој момент. Состојбата на терен е таква што осомничените го напуштиле местото кај Рума, односно локацијата каде што возилото било запрено покрај патот. Од тој момент тие ја напуштиле локацијата и по нив сè уште се трага – рече Станишиќ.

Тој додаде дека потрагата се движи во насока на лица кои најверојатно се од турско потекло.

– Тоа е информацијата со која засега располагаме. Најверојатно не се државјани на Република Србија. Зборувале на турски јазик или на сличен јазик, а и нивниот изглед упатувал на тоа дека се од тие простори. Во моментов не знаеме дали се мигранти или во каков статус престојувале тука. Со Даниел сум во постојан контакт и реагираме според потребите на полицијата и поврзано со слични работи.

Адвокатот истакна дека Даниел не се замерил никому и дека немало причина да очекува ваков настан.

– Даниел пред сè е уметник и не е човек што би препознал знаци дека некој го следи. Тој лично ништо не забележал. Никогаш никому не се замерил. Нема причина некој од лични побуди да го нападне. Да постоеше сомнеж, веројатно и самиот ќе помислеше дека нешто вакво може да се случи, но не било така. Својата работа ја врши професионално и никогаш не бил дрзок или навредлив кон некого за некој да постапи вака кон него.

– Најверојатно мотивот е материјална корист. Даниел има доверба во полицијата и веруваме дека професионално ќе ја завршат работата. Се надеваме дека сè брзо ќе заврши кога станува збор за осомничените, бидејќи полицијата е целосно посветена на задачата.