Онаа Заспаната убавица да спиеше до денес, ќе немаше кој да ја разбуди со бакнеж со ова паранојава и меркиве на сила.
И подобро за неа. Оти ако се разбудеше во овој свет, одма ќе посакаше пак да се комира на уште сто години минимум.

По речиси 20 месеци ковид авантура, дојдовме со тоа со ужас да заклучиме дека, медицината е далеку од егзактна наука и бајги немоќна против силите на природата.

За нејзините чеда, докторите, констатираме дека ја толкуваат како закон во банана држава. Види, ова е вака, ама сега баш и не е вака, зашто околностите не се веќе тие од претходно.
Едни викаат едно, други сосема спротивното, трети ќутат од плата до плата.

Пази и едните и другите и третите од исти книги читале, ама очигледно исто не ги разбрале.
Барем така на нас поглупавите ни се чини. Не мора да сме во право.

Може во книгите нивни убаво си пишува, ама овие не ги разбираат исто од разни причини кои немаат врска со медицината. Не знам.

Само знам, Заспаната убавица ако се разбуди денес од караниците меѓу лекарите за ковидот, оти принц секако нема да ја бакне зашто носи маска и е малаксан од фајзерот, ништо нема да и биде јасно.

Одма ќе сфати дека се разбудила во време невреме, во гипсана реплика на Кулата вавилонска. Ќе знае, таа мора да се сруши. Дека спиела до сега затоа одма и е појасно. По 20 месеци корона, до каде стигнавте бе дечки и девојки. На политичарите-лекари мислам и на нивните фанови.

Овие нашиве пред се. До каде стигнавте? Дали направивте нешто што ја цимнете ситуацијата на подобро? Дали некоја од вашите мерки се покажа успешна? Дали ја намаливте смртноста од ковид? Јок бе.

Во водечки шест земји сме во светот по умрени од ковид.
Зошто отворавте граници летово и пуштавте диска свадби и сунет журки, ако знаевте доаѓа сој ковид на стероиди?
Мене како неписмен без диплома од медицински, ова ми кажува дека ЉУФНАВТЕ, што велат битолчани. Ама бајги. Дека сум неписмен, толку разбирам може?

И се уште нема признание за таа ваша грандиозна утка.
Нема одговорност. Си терате. Ако. Сме ве заслужиле со ваков народ. Заспан. Кој за разлика од Заспаната убавица од бајките, нема никогаш да, се разбуди. Дури и ако му стапнете на врат.