Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека не е исклучено Комисијата за заразни болести да предложи и дополнителни рестриктивни мерки против ширењето на болеста, но во насока на евентуално кратење на работното време на угостителските објекти и продолжување на полицискиот час. Сепак, според него, денешната состојба со ковид-19, со помалку од 1.000 новозарезени, укажува дека состојбите одат кон стабилизација, рече министерот и додаде дека пред една недела воведениот полициски час се чини дека дава ефекти.

„Бројката на новодијагностицирани денеска е под 1.000 случаи. Очекуваме во следниот период во таква насока да одат состојбите и да имаме стабилизација, со други зборови полицискиот час воведен пред една недела, да ги дава резултатите“, изјави Филипче.

Кои се тие сценарија за нови мерки кои ги има во „главата на д-р Жарко Караџовски“, за кои кажа но не откри претседателот на Комисијата за заразни болести, прашаа новинарите, а Филипче информираше само за можно кратење на работното време на кафеаните и евентуално започнување на полицискиот час порано.

Тој оцени дека во текот на неделава има забрзано полнење на болничките капацитети, пред сѐ, на интерните клиники со цел, како што речe, да се обезбеди доволно простор за хируршките клиники да бидат во функција.

„Сега и на интерните клиники има сосема доволно празни болнички кревети, слично како што тоа беше во текот на пикот на епидемијата во ноември. Сакајќи да обезбедиме и дополнителен простор целосно опремен за да може да се третираат пациенти со ковид-19, сега се слободни одделението за пластична хириргија како и уште едно на призмејето, со посебни влезови на Хирургија што значи дека нема да се контаминираат заедничките простории и лифтовите”, рече Филипче.

Проценката е дека на овој начин се добиваат за околу 100 кревети повеќе во однос на бројот од пикот во номеври, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Дали вакцинацијата на населението ќе започне со дози на Астра зенека, бидејќи тие треба да дојдат преку ковакс-механизмот или пак, со кинески вакцини, Филипче рече дека не може да даде конкретен одговор.