Државниот завод за статистика (ДЗС) денеска соопшти дека трошоците за живот во март годинава во однос на истиот месец лани бележат зголемување од 2,7 отсто, а цените на мало од 2,2 отсто.
Во однос на февруари, трошоците за живот во март биле намалени за 1,3 отсто.
– Advertisements –
Како што информираат од ДЗС, намалувањето на инфлацијата во март, во однос на февруари е резултат на помалите трошоци за животот за храна и безалкохолни пијалаци, транспорт, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици и разновидни стоки и услуги.
Храната и безалкохолните пијалаци во март биле поевтини за три отсто, а алкохолните пијалаци и тутунот за 0,5 проценти.
Од храната најголемо намалување од 4 отсто имало кај рибата и морските плодови, по нив се месото и зеленчукот кои биле поевтини за 3,8 отсто, а потоа се млекото, сирењето и јајцата кај кои намалувањето е за 3 отсто. Лебот и житата биле со цени пониски за 2,9 отсто.
Според извештајот на ДЗС, во оваа група, најголемо поскапување во март во однос на февруари имало кај овошјето и тоа за 3,8 отсто.
За мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата во март се плаќало 0,6 отсто помалку отколку во февруари, а за 1,8 отсто помалку се плаќало и за транспорт.
Во март имало зголемување на трошоците за живот во категориите домување, облека и обувки, ресторани, комуникации, здравје и рекреација и култура.
За домување, вода, електрика, гас и други горива во март се плаќало повеќе за 0,4 проценти, а за исто толкав процент поскапи биле и облеката и обувките. Во рестораните и хотелите во март било поскапо за 0,3 отсто, а за здравје се плаќало повеќе за 0,2 проценти. Најмало поскапување имало за рекреација и култура и тоа било за 0,1 процент.
Трошоците на животот за образование во март останале на исто ниво како и во претходниот месец.
Споредено, пак, со март минатата година, најголем скок од 14 отсто има кај цените на кафето, чајот и какаото, а цените на безалкохолните пијалаци пораснале за 12 отсто.
Цената на маслото за една година бележи пораст од 10 отсто. Овој март во споредба со тој во 2024 година, поскапи се и овошјето и зеленчукот и тоа за 5,2, односно 3,4 отсто.
Според податоците од ДЗС, цената на основните производи како млекото, сирењето и јајцата за една година пораснала за 2,6 отсто, а на месото за 0,8 проценти./Fokus