Војната во Украина е тема број еден ширум светот.

На оваа тема беше запрашан и Златан Ибрахимовиќ на прес-конференцијата на шведската репрезентација која во четврток ќе игра бараж за одење на Мундијалот.

Шведска ќе игра против Чешка, а победникот од тој меч ќе игра против Полска за пласман во Катар, која поради елиминацијата од Русија отиде директно во финалето.

„Во војна е тешко да се зборува, многу е тешко. Мојата порака ја пренесувам преку фудбалот. Ќе играме фудбал и ќе се трудиме на тој начин да шириме енергија и љубов. Трагично е ова што се случува денес, воопшто не треба да биде. Треба да се справиме со работите на нормален начин во 2022 година, а не да поминуваме низ војни каде луѓето треба да страдаат за работи што не треба. Само што ја поминавме пандемијата, излеговме од неа и почна војната“, рече Ибрахимовиќ.

„Сакам да бидам позитивен, да споделувам љубов и да имам мир. Мир и љубов. Тоа е она за што се залагам и се надевам дека ќе дојде што е можно поскоро.

Да бидам искрен, го исклучувам телевизорот и не следам медиуми. Ми кажаа дека се зборува за овие настани, но јас не ги следам. Се надевам дека работите ќе се решат, но избегнувам да следам.

„Јас сум против се и против војна, тешко е, но се фокусирам на некои други работи“, призна 40-годишниот напаѓач