Државата носи одлуки во правец на одговорно и контролирано приредување игри на среќа сообено преку интернет, а во новоформираните друштва доминантно учество во капиталот и управувањето ќе има Државна лотарија која е гарант за почитување на сите принципи за одговорно и законито и контролирано приредување на игри на среќа, посочи денеска премиерот Димитар Ковачевски по реакцијата на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) но и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачевски по посетата на компанијата „Горска“ одговорајќи на новинарско прашање, рече дека работењето на Државната лотарија минатата година било потврдено и со сертификат од Асоцијацијата на европски лотарии за одговорно приредување на игри на среќа.
„Забраната, бидејќи имаше и такви коментари, за малолетни лица може да се санкционира и да се сноси одговорност само преку домашни платформи наместо нерегулираниот, неконтролиран и хаотичен актуелен онлајн простор окупиран од странски платформи. Бидејќи сите ние сме свесни дека во моментот нашите граѓани се обложуват и играат игри на среќа на странски платформи кои без ограничување се достапни преку социјалните медиуми или директно преку одредени интернет портали,а обложувањето се прави во странски држави. Истовремено добиените приходи од приредувањето на интернет игри на среќа ќе значат директно зголемување на средствата во буџетот на државата, а граѓаните ќе имаат можност да играат преку домашни платформи која ќе подразбира од една страна сигурна исплата на добивките, и од друга страна ќе значи сузбивање на нелегални странски и домашни приредувачи на полето на интернет игри на среќа“, рече Ковачевски.
Додаде дека со новите интернет игри на среќа ќе има либерализација на пазарот, државата ќе има доминантно учество, граѓаните ќе имаат заштита, државата ќе има поголем прилив во буџетот и наместо обложувањето да се прави неконтролирано на странски онлајн платформи за игри на среќа ќе се прави на онлајн платформи каде државата ќе има доминантно учество.
Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) денеска преку соопштение реагираше дека незаконска и дискриминирачка е одлуката на Владата за нови приредувачи на игри на среќа.
Реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија тврдат дека „Владата игра нови игри околу игрите на среќа и станува партнер со бугарската мафија“./mkd