Севда Захаринова го живее најлошиот живот што една мајка може да го доживее. На свои 67 години, наместо да прави свадби, да добие снаа и да шета внучиња, таа завиена во темно и на себе и во себе, сама ги минува деновите. Од мирниот и спокоен живот со семејството, и останале само ѕидовите од домот, кои се ладни и темни.

Исто, како и нејзината душа. Несреќите се нижеле една по една. Прво сопругот останува без работа, потоа, полицијата го наоѓа удавен во Вардар, а пред година и половина, без никаков знак и причина, на спиење вечно си заминува и нејзиното чедо Дејан.

Севда имала убави замисли и визии во животот. Татко и бил силен човек, кој освен за синот, направил куќа и за неа. Убави моменти живее со семејството, сè додека не почнат да се редат несреќи и да внесуваат црна боја во нивното секојдневие.

Стресниот и неубав живот носи уште повеќе немир во животот на Севда. Сопругот никогаш нема да се помири дека останал без работа, и како глава на семејството не може да ја гледа фамилијата. Еден ден таа ќе добие повик од полицијата, во кој дознава дека маж и е пронајден мртов, удавен во водите на Вардар.

– Сопругот го прогласија за технолошки вишок и остана без работа. Немавме никаков приход. Сè повеќе немир од ден на ден влегуваше во нашите животи. Лут беше тој, лут беше синот зашто немаше нормално детство како и сите деца, па, често ме прашуваше зашто нема ручек, зашто немам пари за облека. Која мајка не сака да му даде на свое дете ако има. Па, сопругот толку се разочара што излезе и не се врати повеќе. Следниот ден, полицијата ми соопшти дека нашле тело во водите на Вардар. За жал, тоа беше телото на мојот сопруг. Таткото на мојот син Дејан. Оттогаш веќе ништо не беше исто во нашите животи-вели Севда.

– Работев во „Македонија стакло“ како изработувач на рамки за гоблени. Кога дојде времето за пензија, зедов минимална пензија од 10900 денари. Морав да подигнам два кредита. Со едниот за да платам за приклучок за струја и за останати долгови. Ми треба облека, по можност црна, зашто вечно ќе жалам по синот, и малку барем да ми се помогне да го средам домот. Барем да излезам од кредитите за да можам со пензијата да не гладувам во месецот-завршува Севда.

Сите што сакате да и помогнете на Севда Захариева, можете да ја исконтактирате на телефонскиот број 071/728327 или финансиски да и помогнете на следнава жиро-сметка:300007030496210

Автор Оливера Петрушевска

Целата сторија можете да ја прочитате на следниот линк Приказна.мк