Јованче Христовски е роден скопјанец, кој за своите 65 години живот може да напише и роман. По смртта на родителите бил избркан од семејниот стан од страна на братот, по што започнува неговиот живот без дом.

Јован е татко на четири деца, но ниту едно нема да сака да му помогне кога ќе падне … Од почетокот на 2000 година започнува бездомничкиот живот. За да преживее почнува да продава ѓевречиња низ градот.

– Дење продавав гевреци, а навечер спиев по клупи или на паркинзи во центарот на Градот. Наутро ќе ја наполнев количката и кога ќе ги продадев ѓевречињата, со дневницата одев јадев во мензи каде има готова храна. Така живеев со години. Не сметам дека сум направил грешки. Единствена грешка ми е што се оженив со погрешната личност. Децата денес не сакаат да ме видат. Но, јас ги сакам и им простувам. Пет дена сум бил само на шеќер и вода. Заборавив каков е вкусот на храната. Осамен сум и сам, и немам како да го преживеам остатокот од животот-додава тој.

Јованче за себе ќе рече дека не знае што е настинка. Последните години и бездомничкиот живот остават последици. Јован преживува многу операции, а во моментов дури и тешко се движи.

– Во животот никогаш не сум бил болен, ама, последниве години толку операции преживеав што не знам како сум уште жив. Имав четири операции на кила, бајпас на запушена артерија, а ме чекаат уште неколку зашто имам проблеми со стомакот. Фалеше уште ногата да ја скршам, па, да не можам да мрднам никаде. Ваквиот живот воопшто не е лесен. По цел ден гледам ТВ, лежам, читам и спијам. Ретко јадам. Еве, денес денот ќе го поминам со неколку бисквитчиња. Се што сакам е, една соба, и приход за да можам да проживеам уште некоја година-со грутка во грлото ја завршува својата приказна Јованче.

Сите што сакате да му помогнете на Јованче, тоа можете да го направите на телефонскиот број 077/ 694 565 или на следната жиро-сметка 250-0310000940-20

Автор Оливера Петрушевска

Целата сторија можете да ја прочитате на следниот линк Приказна.мк