Во последните 24 часа Северна Европа беше зафатена од бура слична на урагани, а дел од овој систем ќе донесе временски промени. Ова е едно од најсилните бури досега на северот на Европа, а предизвикано е од ударот на силен циклон од северот на Атлантикот и Норвешкото Море на западниот и северо-западниот брег на Скандинавија, односно Норвешка.

Најсилните налети на ветер од над 230 км/ч се забележани во Норвешкото море, а дури 223 км/ч во крајбрежната област на северозападот на Норвешка. Тоа се ветровите кои се среќаваат кај ураганите од четврта и петта категорија, кои уништуваат се пред себе во тропските и суптропските региони.

Урагански ветрови од 150 км/ч беа забележани и низ остатокот од крајбрежните области на Норвешка, а погодени беа и Шкотска, Данска и сите крајбрежни области на Норвешкото Море и Северниот Атлантик.

Покрај ветровите со урагански сили, циклонот донесе и многу обилни врнежи. Во крајбрежните места наврнаа од 50 до 100 литри, а на околните планини до еден метар снег, а бранот обилни врнежи ќе продолжи и денеска и утре.

Силен циклон ќе се движи над северните делови на Скандинавија, со бурен ветер и обилни врнежи од дожд, а вредноста на притисокот и понатаму ќе биде многу ниска, што ретко се гледа во Европа.

Бурни ветрови се очекуваат денеска низ северна и североисточна Европа, а дел од циклонот ја зафати и централна Европа, со бурни ветрови, особено во Полска, Германија, Чешка и Словачка, но и во балтичките земји.

Како дел од циклонот се движи и многу изразен студен фронт, кој денеска се движи низ централна Европа и на пат кон југоисток и исток носи промена на времето, врнежи и силни, дури и бурни ветрови.

Затоа, силен циклон со ураганска бура на северот на Европа нема да има значително влијание на времето кај нас и нашиот регион, туку само во форма на пробивање на студен фронт со силен ветер и врнежи, но ниту врнежите ниту пак падот на температурата ќе биде преизразен, па врнежите ќе бидат со послаб интензитет, без позначителни количини, а температурата ќе опадне само за неколку степени, што се однесува до максималните дневни, додека пак утринските значително ќе се зголемат, а и таму каде што има мразови значително ќе ослабат.

На планините се очекува снег, но значителни врнежи нема да има, така што и онака лошата слика за снежната покривка ќе продолжи и во наредниот период, кога многу планини ќе останат без снежна покривка или ќе ја имаат само на повисоките планини над 1500 метри нивото на морето.

Од викендот се очекува потопло, а следната недела ќе биде многу топло време за овој период од годината, со температури над 15 степени, локално и до 20 степени.
Според првите прогнози, првата половина на февруари повеќе ќе наликува на пролет отколку на зимско време.