Невообичеено високи температури за овој период од годината, но и парашина и песок од Сахара, најавува метеорологот Славчо Поповски за оваа недела.

Тој во последната објава за времето во Македонија, посочува дека до самиот крај на овој месец територијата на Македонија ќе се наоѓа под влијание на јужно и на југозападно воздушно струење, како и на топла воздушна маса од југ. Токму ова ќе условува и понатаму да имаме невообичаено топло време за овој период од годината, а ќе биде спарно и мачно.

Во исто време од Сахара кон нашата територија ќе се врши транспорт на прашина и на песок.

Дестабилизирање на атмосферата ќе има во среда доцна попладне и во текот на ноќта кон четврток, како и во четврток кога ќе има повремени врнежи од дожд и тие локално ќе бидат поројни и проследени со појава на грмежи.

Поповски појаснува дека и во следниот период ќе дува јужен и југозападен ветер, и тој повремено ќе засилува на интензитет.

– Наутро температурите ќе се спуштаат во интервалот од 8 до 16 степени, а преку ден тие ќе се искачуваат во интервалот помеѓу 20 и 27 степени.

Во Скопје и околината температурата ќе се искачува во интервалот помеѓу 23 и 25 степени – објасни Поповски.

Воедно тој напоменува дека ваквите временски услови особено неповолно ќе влијаат врз метеопатите, каде се можни позначителни здравствени проблеми.