Горан, Македонец кој неодамна се преселил на Исланд, ја споделува својата лична приказна и првите впечатливи моменти од животот во оваа северна земја. Не зборува многу за причините поради кои ја напуштил Македонија, но многу јасно опишува што го дочекало таму – и зошто веќе по една недела се чувствува ценето, сигурно и смирено како никогаш претходно.

„Тука се цени трудот. Никој не те мачи, никој не те влече назад.“

„Отидов на Исланд да работам. Искрено, сакав моите деца да пораснат во општество каде што се вреднува трудот, а не расправиите кој што бил во минатото. Тука луѓето се насмеани, срдачни, пристапни. Се чувствува дека народот е спокоен.”

Нема никакви финти од работодавци

„На Исланд нема шанси работодавец да те измами ни за една круна. Сѐ е под контрола на синдикатите. Секој работник има личен број – kennitala – и на работа мора да се пријави и одјави на дигитален часовник. На крај на месецот синдикатите проверуваат дали сè е точно со саатницата и со платата.“

Платата СЕКОГАШ е на први

„Платата стигнува секој први во месецот, без исклучок. Ако први е неработен ден – парите стигаат ден порано. Тоа е закон.“

Посета на банка – како да влегуваш во луксузен lounge

„Отидов во банка да променам евра. На вратата ме пречека господин во одело, ми даде бројче и ме покани да седнам. Сите чекаат – со кафе, весници, насмевки. Помислив дека сум влегол во кафуле, а не во банка. По некое време дојде вработена, ги соби празните шолји и праша дали сакаме уште кафе.“

„Нема Erste, нема Sberbank – само нивни, исландски банки. И, замислете – банката не наплаќа одржување на сметка. Тоа го регулира работодавецот.“

Плаќање во готово – практично НЕ ПОСТОИ

„Овде буквално сè се плаќа со дебитна картичка: продавници, фризери, шалтери… Никој не носи готовина. Ми беше чудно, но се навикнувам.”

Првата плата – најголемиот шок

„Најинтересно е што првата плата што ја добиваш – ја добиваш БРУТО. Тоа значи дека првиот месец не плаќаш никакви даноци. Сè влегува чисто на сметка. Кога ја видов сумата, можам да кажам – саборска! А втората ќе биде премиерска,“ се шегува Горан.

Животот е скап, но платата е достојна

„Да, Исланд е скап. Но ако касиерката во Македонија зема 300 евра, овде зема 3000. И нормално дека може да се живее – и да се штеди. Ако ти се расипе машина за алишта, одиш и купуваш нова. Не ти требаат 24 рати.“

Друштво, дружење и прифаќање

„Вчера пиевме по работа – Македонец, Летонци, Литванци, Филипинец, Чесi и неколку Исланѓани. Сите зборуваме англиски, без политика, без делби – само луѓе кои се почитуваат.“

„Тешко беше да ја напуштам Македонија… но тука конечно се чувствувам ценето.“

„Тешко ми паѓа без семејството, но работата, луѓето и системот ми враќаат верба дека може да се живее нормално. Првпат по 20 години работа, чувствувам дека мојот труд е навистина вреднуван.“