Мајк Њумен (30) до пред четири години имал сосема нормален живот и немал поим дека се ќе му се промени за само еден ден. Имено, ова момче доживеало несреќа со мотор, а поради повредите кои ги добил лекарите му рекле дека никогаш повеќе нема да може да застане на своите нозе.
– Бев на патеката и наеднаш удрив во карпа. Ударот ме исфрли и паднав на грб. Се обидов да станам, но не можев да се движам. Ме однесоа во болница со хеликоптер и ми ставија метални шипки во грбот. Воопшто не ги чувствував нозете, а тоа влијаеше на се останато, па долго време користев катетер. Нозете едноставно ми се „овенаа“, воопшто не ги чувствував, а кога се врати чувството беа неверојатно слаби, речиси безживотни, се присетува Мајк.
Поминал шест месеци во болница, а и во најтешките моменти не губел надеж дека еден ден повторно ќе прооди.
По многу труд, пот, упорност, но и верба и надеж, Мајк успеал да прооди.
– Можеби никогаш нема да се вратам на 100 проценти и се уште ми треба инвалидска количка кога ќе се изморам, но многу сум горд на себе, вели Мајк.
Според него, закрепнувањето се одвивало добро додека не дошла пандемијата на корона вирусот, а потоа сè запрело.
-Тоа време го поминав шетајќи низ куќата со рамката за стоење, патерици и инвалидска количка. Користењето на помагалото беше навистина чудно искуство бидејќи некое време не чувствував ништо во нозете, па морав само да ги влечкам стапалата и да се потпрам на силата на горниот дел од телото, се присетува овој човек.
За среќа, мерките и ограничувањата поради корона вирусот се олеснија, а Мајк тргнал во теретана.
– Редовно тренирав и чувството во нозете почна да ми се враќа. Иако чувството се врати на едната нога многу пред другата, губев рамнотежа, но не се откажував, вели тој.
После неколкумесечни тренинзи, Мајк решил да оди на обука за личен тренер и прв го завршил овој курс во инвалидска количка. Сега се надева дека ќе може да го искористи своето искуство за да им помогне на другите кои се во иста или слична ситуација.
-Кога бев на рехабилитација видов разни случаи. Имаше еден човек кој беше на работ да се откаже бидејќи мислеше дека никогаш нема да оди. Решив да се спријателам со него, па го однесов во теретана и почнав да вежбам со него. Неодамна ми испрати видео како првпат се качува по скалите, а тоа ми ја даде потребната инспирација, заклучува Мајк со насмевка.
