Веќе од 1 ноември авиокомпанијата Изиџет влегува на македонскиот пазар со нова авиолинија од Женева до Скопје и тоа трипати неделно, односно секој понеделник, четврток и петок.

Од ТАВ Македонија денеска информираа дека станува збор за сезонска авиолинија од 1 ноември до 25 март следната година.

– Авиобилетите се пуштени во продажба преку веб-страницата на Изиџет (easyJet) https://www.easyjet.com/en, со цени што почнуваат од 1 476 денари за авиобилет во една насока, информираат од ТАВ Македонија.

Новата сезонска авионска линија, како што велат од Изиџет, ќе им овозможи на граѓаните да ги посетат своите семејства и пријателите или да го откријат градот на раскрсницата на Балканот, богат со повеќе влијанија, како и со бројни културни и природни локалитети.

Од ТАВ Македонија се задоволни што авиокомпанијата Изиџет влегува на македонскиот авијациски пазар и покрај тековната глобална криза во авијацијата предизвикана од заразата, како и фактот дека многу земји сè уште имаат рестрикции за авионските патувања.