Претседателот Александар Вучиќ покажа во каква соба престојува во Клостерс, во близина на Давос, каде што се одржува Светскиот економски форум.
Како што изјави Вучиќ, неговото сместување се наоѓа на околу 20 километри од аеродромот и таму престојува по единаесетти или дванаесетти пат.
– Никогаш не сме биле директно во Давос, секогаш секој ден одевме до таму со автомобил. Ова е една од најдобрите соби овде. Ќе видите, уредена е во духот на швајцарската скромност. Мебел во ИКЕА-стил, едноставно дрво, ништо посебно. Креветите се малку кратки, за среќа немаат граничници, па можам да се истегнам. Не сум баш сè средил најдобро. Овде е како гардеробер, кошулите ми се тука – покажа Вучиќ.
Тој додаде дека, бидејќи е во специјален апартман, има можност сам да си подготви чај или нешто слично.
– Фрижидерот е мал. Интересно е што овде ставиле слика од волк. Велат дека волкот е чест гостин на околните ридови. Ова е како дневна соба во која примам некои гости. Моите материјали, руски книги, Ерик Ларсон – „Денови на слава и очај“ за Черчил. А ова е терасата, иако е мала, таа е најубавиот дел. Не може баш да се седи на минус пет степени, но е убаво. Вака изгледаат сите куќи во Клостерс, сите хотели. Навистина е убаво и удобно – изјави Вучиќ на својот Инстаграм-профил.
Потоа откри и кога се враќа во Белград.
– Вечерва ја завршуваме нашата работа тука и полека се враќаме во Србија. Не можам да ви опишам колку се радувам на тој момент, особено кога повторно ќе слетате на белградскиот аеродром и кога срцето ќе ви затропа посилно затоа што повторно сте во татковината – заклучи Вучиќ.
