Доколку сакате да и помогнете на Нада Естатиевска тоа може да го направите на следната жиро сметка 320500028012126 или на нејзиниот телефонски број 071618079

Нада Естатаиевска е жена за многумина невидлива, а, толку присутна. Симбол на жена која сеуште ги цени корените на семејството. И, како што самото име и асоцира со надеж родена, со надеж задоена.

Со надеж 65 години верна на животот и фамилијата. Ниту тежината на бремето не ја покосиле и бутнале на земја. Но, денес немоќна да продолжи понатаму. Осамена и тежна е поради болеста на нејзиниот сопруг кој веќе 15 години е закован за кревет и неподвижен.

Целата работа и обврски во куќата се на неа. Јас сум и маж и жена во домот-вели таа. Се работам рачно.. Во животот ниту еднаш не сум влегла во бања и вистински тоалет. Перам на раце. Немам правосмукалка. Некогаш немам ни храна, но не се предавам. Морам да живеам за сопругот кој без мене во ваква сосотојба не би издржал ниту ден.

Најмногу ме боли осаменоста и неможноста со сопругот да разменам збор. Сепак, ако не боли не е е живот, ако не минува не е среќа–со солзи во очите завршува баба Нада.
Со реченицата „Не случајно ми е дадено името Нада, за да се надевам„ – го започнува раскажувањето на својата животна приказна баба Нада од Кратово за емисијата „Срце на дланка„.

Мирниот и кроток живот очигледно ќе бидат резервирани само додека била во домот на родителите. Зашто, откако ќе стапне во новиот дом, во куќата на сопругот Глигор, повеќе нема да знае што е добро, што е среќа и што воопшто е живот. Сиромашно на почетокот, сиромашно сега. Само што сега веќе нависнале и болести со кои таа мора да се бори секојдневно.
По неколку години живот во заедница Нада добила порака од свекравата дека мора да остават место за деверите и да ја напуштат куќата.

Тоа е почеток на новиот живот во Кратовско Приковце во кој Нада повторно ќе живее осамено, зашто нејзиниот сопруг како возач често бил отсутен од дома. Така живееле се до пред 15 години кога сопругот добива мозочен удар, останува во постела, а, баба Нада започнува сама да преживува и да се грижи за него.

-Живеев мирно и спокојно додека бев кај родителите. Но, штом се омажив ми почнаа и проблемите. Се мачев кај свекрва ми. Се беше на мене. Целата работа уште од тогаш сама јас ја работев. Се додека еден ден не ни рече да си бараме чаре и да се преселиме зашто после мене имало уште двајца девери кои треба да се женат.

Купивме куќа, но сиот живот се мачевме. Од млада се работам мачно. Цел живот го минав сама. Сопругот Глигор беше на терени, а, јас сама. Едвај ги израснав децата. Потоа, се разболе сопругот. Но, можеше да излезе барем до двор. Ќе ми прозбореше некој збор. Заедно ќе јадевме. Иако, некогаш не стигнуваше ниту за леб, сепак, бев во подобра ситуација-вели баба Нада.

Тежината од минатото не е ништо во споредба со тежината што од пред неколку месеци ја почувствувала оваа храбра жена. Зашто, дедо Глигор добива нов мозочен удар и веќе ниту може да зборува, ниту да се храни, ниту да слуша, ниту да и даде било каква поддршка на баба Нада.

-Во февруари оваа година маж ми доби уште еден мозочен удар и веќе сосема залегна. Во пелени е. Не збори, не може да оди. Тоа утро замо почна да го голта јазикот, а, јас рипнав и му реков: „Не те давам Глигоре„- се присетува низ солзи баба Нада.

Сега сите денови ми се исти. Станувам прво одам да слушнам човекот дали диши. Потоа, започнувам да му правам лична хигиена, го мијам, го средувам. Кога ќе ми се здосади ќе прилегнам, па после пак продолжжувам. При човек сама сум во четири ѕида. Многу сум во депресија- раскажува баба Нада не можејќи да ги запре солзите.

Сепак, се надева дека барем некој ќе и помогне да си купи машина за перење и да направи каква таква бања, за барем еднаш пред да умре да се избања како човек и да не пере повеќе рачно со изнемоштените раце.

Целата сторија ќе можете да ја погледнете во најновата епизода на емисијата #СрцеНаДланка