Според Републичкиот хидрометеоролошки завод, денеска во цела Македонија е на сила портокаловиот метеоролошки аларм. Воедно, РХМЗ утринава повторно предупреди на високи температури, а АМСС ги повикува возачите да бидат внимателни поради горештините.

– До крајот на неделата ќе биде многу топло со највисока температура на повеќето места од 34 до 37 степени, а локално се очекуваат тропски ноќи со температури над 20 степени – се наведува на веб-страницата на РХМЗ.

Веќе утрово во 6 часот во Скопје беше 23 степени во сенка,

На сила портокаловиот метеоролошки аларм значи дека времето е опасно.

Се предвидуваат опасни временски појави кои се со таков интензитет што можат да предизвикаат материјална штета и да бидат опасни за луѓето и животните. Треба да се биде многу внимателен, свесен за ризиците и редовно информиран за деталите за очекуваните метеоролошки услови. Треба да се следат советите од надлежните државни служби – објаснуваат од РХМЗ.

Поради екстремно топлото време кое ќе трае до крајот на неделата, АМСС ги повикува возачите да бидат внимателни. За подолги патувања се препорачува да изберете утро или доцна попладне.

– Високите горештини претставуваат ризик за безбедното возење, бидејќи доведува до замор и исцрпеност побрзо, а заморот е причина за секоја трета сообраќајна несреќа на патиштата.

Зголемениот интензитет на сообраќајот и градежната сезона, која е во полн ек, бараат поголема внимателност при возењето и поголемо трпение доколку има бавно возење на делница или се формира колона поради изведување работи – наведуваат од Авто-мото сојузот.