Мислењето дека мажите и жените потекнуваат од две различни планите никаде не е поочигледно отколку во една нигериска рурална заедница. Имено, во Убангу мажите и жените имаат одделни јазици на кои зборуваат.




И покрај фактот дека е тешко да се поверува во овој феномен, сепак жителите на Убангу го сметаат за благослов. Па така, на пример мажите за зборот облека велат “нки” додека пак жените “арига”. За мажите, зборот дрво е “кичи” додека пак за жените е “оквенг”.
Повеќе од очигледно е дека не станува збор за суптилни разлики во изговорот, туку за сосема различни зборови.




-Ова се два различни јазици. Постојат многу заеднички зборови за мажите и жените, но постојат и многу такви кои се разликуваат и тоа во зависност од полот. Не звучат исто, немаат исти букви и се сосема различни зборови, вели антропологот Ки Ки Унди за Би-Би-Си.
Интересно е што мажите и жените совршено се разбираат и покрај фактот дека зборуваат различни јазици. А она кое е фасцинантно е дека и малите деца ги разбираат совршено своите родители и од мали нозе ги знаат двата јазика.




Она кое се очекува е дека момчињата до 10 годишна возраст ќе можат да го зборуваат машкиот јазик.
-Постои фаза во која доаѓа секое момче. Никој нема да му каже кога е вистинското време да се префрли на машки јазик и кога конечно ќе треба да збори на овој јазик. Но, во оној момент кога ќе почне да го збори овој јазик се вели дека созреал, додава Ки Ки Унди.




Иако не е целосно јасно зошто се појавила оваа двојазична традиција во Убангу сепак локалните жители сметаат дека тоа се базира на Адам и Ева. Тие велат дека Бог кога ги создал Адам и Ева им дал два различни јазици. Според нив, планот бил на секоја нација да и се доделат два различни јазици но бидејќи ги нема доволно, Убангу останал исклучок – односно различен од сите други заедници во светот.
Антропологот Ки Ки Унди верува дека различните јазици се резултат на биполарна култура во која мажите и жените живеат во одделни светови, кои ретко се спојуваат. Сепак, тој признава дека оваа култура е присутна во многу делови во Африка.
