Камерите на системот „Сејф сити“ регистрираа неверојатна брзина од 231 km/ч на скопската обиколница, само ден по почетокот на пробното тестирање на системот.

Началничката на Секторот за сообраќајни работи во МВР, Маја Арсовска Манов, и државниот советник во кабинетот на министерот за внатрешни работи, Владимир Велковски, посочија дека ваквите податоци ја потврдуваат потребата од воведување на системот за зголемување на безбедноста во сообраќајот.

Во првиот ден од тест периодот, системот регистрирал 110.000 прекршоци, а на 2 декември бројот падна на 50.652– половина од претходниот ден. Од нив:

  • 48.861 прекршоци за брзина

  • 1.366 за поминување на црвено светло

  • 425 за нерегистрирани возила

Најмногу прекршоци за брзо возење беа забележани на излезот од Скопје кон Тетово (4.300) и на булевар „Никола Карев“ (3.000).

Системот „Сејф сити“ веќе го покажува својот ефект, а според МВР, граѓаните можат да очекуваат поголема контрола и зголемена безбедност на патиштата во градот.