Жена која е „заробена“ во Газа се обрати преку видео порака и вели дека ова е нејзино последно видео. Елизабет Ел-Накла, тештата на шкотскиот премиер е во Газа и не може да се евакуира.

Таа е пензионирана медицинска сестра од Шкотска и мајка на сопругата на шкотскиот премиер Хумза Јусаф. Жената на патувањето заминала со сопругот.

Премиерот на својот Твитер профил објави видео на кое жената му се обраќа на своето семејство, но и на светската јавност.

„Како и огромното мнозинство на луѓе, таа е во Газа и нема никаква врска со Хамас. Ѝ беше кажано да го напушти овој град, но е „заробена“ со остатокот од населението“, напиша Хумза на својот Твитер профил и објави видео.

На видеото жената се прашува што се случува во денешно време.

„Ова ќе биде моето последно видео. Сите од Газа се упатени овде. Милион луѓе, без храна и вода, и продолжуваат да ги бомбардираат додека си заминуваат. Сите овие луѓе не можат да се евакуираат. Каде е човештвото? Каде се човечките срца и што се случи? Господ нека ни е на помош“, рекла Елизабет во видеото.

Израел најави и копнена офанзива на Појасот Газа. Деновиве, Израел мобилизираше над 300.000 луѓе за воените дејствија.