Од 2 декември 2025 година стапуваат во сила појасни процедури околу тоа кој ја сноси одговорноста кога сообраќаен прекршок е направен со возило кое не го управувал сопственикот. Системот за автоматско казнување веќе ги испраќа прекршочните платни налози директно на сопственикот на возилото, без разлика кој бил зад воланот.
Сепак, постои важна можност за пренесување на одговорноста: доколку прекршокот го направило друго лице, сопственикот има рок од 8 дена да го пријави вистинскиот возач во најблиската полициска станица. Лицето што навистина го сторило прекршокот треба да даде официјална изјава дека ја презема казната. Тоа може да се направи на два начина:
-
Лично во полициска станица, со потпишана изјава.
-
Преку нотарски заверена изјава, која сопственикот ја доставува до полицијата.
Во документите на кои имавме увид стои дека оваа процедура веќе се применува како дел од правните поуки на издадените опомени.
За системот целосно и формално да профункционира, потребно е Собранието да ги финализира измените во Законот за прекршоци, кој во моментов е во собраниска процедура.
Проектот „Сејф сити“ има цел да го намали бројот на жртви и прекршоци во сообраќајот, а ваквите мерки се дел од новиот модел на контрола и санкционирање.
