Градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, најави дека системот „Безбеден град“ ќе се проширува, а во процесот финансиски ќе се вклучат и скопските општини. Целта е зголемен опфат на камери и поголема безбедност во маалата, јавните објекти, училиштата и градинките.
– Доколку Министерството за внатрешни работи нема можност да обезбеди доволно средства, ние како општини и како Град Скопје ќе помогнеме финансиски, изјави Ѓорѓиевски за ТВ Сител.
Тој појасни дека ова прашање веќе е разгледано со министерот Панче Тошковски, но точната рамка за реализација сè уште не е дефинирана.
– Повторно ја воспоставивме практиката на координација со скопските градоначалници. Интерес има кај сите. Ова ќе значи побезбедни маала и јавно достапни простори, но и систем кој ќе спречи непотребно повторување на инвестиции и ќе обезбеди рационално трошење на средствата на граѓаните, рече тој.
Ѓорѓиевски додаде дека веќе три децении се зборува за воспоставување ваков систем и дека сите треба да се придржуваат до законите еднакво.
– Свесен сум дека многумина ќе бидат засегнати, но ред мора да се воспостави. Подготвен сум, ако треба, и политичка цена да платам, истакна градоначалникот.
На прашањето дали тој лично добил предупредување од системот „Безбеден град“, одговори дека внимателно вози и ги почитува правилата, нагласувајќи дека досега нема добиено казна и се надева дека така ќе остане.
