Поранешната пратеничка и истакнат долгогодишен член на СДСМ, Софија Куновска, жестоко ја коментираше најновата криза во партијата и оставките на дел од раководството. Таа упати серија директни и провокативни прашања на адреса на партискиот лидер, Венко Филипче.

„Дали СДСМ драматично тоне под негово водство? Дали целата кадровска политика – изборот на органи, градоначалници, советници – ја водеше сам, во консултација со Муртино? Дали сите политики, изборот на тим, фирмата за кампања, резолуциите, сè го обликуваше сам, без согласност од органите на партијата? Зошто се нудеше за широка коалиција, што јавно, што зад сцената? И најважно – како исходот е: сите дома, само тој останува?“, прашува Куновска.

Според неа, ако членството и таканаречените „интелектуалци“ во СДСМ премолчат и ова, партијата треба да се подготви за уште подлабоко пропаѓање.

„Нека се подготват да се задолжуваат додека не се потроши и зградата. Во меѓувреме сите ќе бидат претворени во средство за личните интереси на неколку криминални ликови чии дела, со затворски казни над глава, треба да застарат“, предупредува таа.

Куновска тврди дека Филипче никогаш немал намера да ја врати партијата на победнички патеки.

„Нека остане запаметено: цената за овие ‘туѓи бели дворови’ нема да ја плати само СДСМ, туку и ВМРО-ДПМНЕ, и сите граѓани на Македонија“, заклучува поранешната пратеничка.