Со многу емоции и тага денеска во Берово е пуштена во употреба новоизградената улица ,,Жан Кофол”. Улицата е именувана по прерано загинатиот пожарникар од Словенија, кој загина веднаш по враќањето во родното место, по доброволниот придонес во Берово и Малешевијата во гаснење на пожарите кои избувнаа во август 2021 година.

На самата свеченост на пуштање во употреба на улицата, присуствуваа родителите и роднини на Кофол, припадникот на доброволното противпожарно друштво од Словенија, Дани Болтар, кој заедно со Кофол, учествуваше во гаснење на пожарите, советниците од Советот на општина Берово, пожарникари од ТППЕ Берово и граѓани.

Во рамки на настанот, градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски заедно со родителите на Кофол, ја пушти во употреба улицата, спуштајќи го платното на кое беше напишано ,,Улица на пријателство. Воедно истакна дека Кофол ќе остане вечно запаметен во Берово и Малешевијата, не само со именување на улицата, туку и по неговата храброст и пожртвуваност и по неговиот доброволен придонес во гаснењето на пожарите кои избувнаа во август 2021 година.

-Сакам во името на Општината и Советот на О.Берово, да им посакам на граѓаните да ја користат новата улица и секако особено сакам секојпат да го има во вашите срца името на почитуваниот пожарникар Жан Кофол.

Со тоа да му оддадеме спомен и едноставно секој пат, поминувањето по улицата да ни буди спомени за неговото дело и неговата пожртвуваност која ја даде, во пожарите кои ги зафатија општините Берово, Пехчево и Делчево во месец август 2021 година, рече Пекевски.

error: Content is protected !!