Цената на суровата нафта се искачи на ново највисоко ниво на почетокот на март со почетокот на руската инвазија врз Украина, а бензинските пумпи го следеа трендот на покачување со покачување на цената на бензините. Но зошто сега кога цените на суровата нафта драстично паѓаат цените на бензините не го следат истиот тренд туку има само повремени благи намалувања на цените на горивата?

Економистите имаат описен назив за овој тренд и го нарекуваат „ракета и пердув“, пишува Вашингтон пост. Кога цените на суровата нафта се качуваат, цените на бензинските пумпи имаат тенденција да растат како ракета. Но, кога цените на суровата нафта паѓаат, цените на бензинските пумпи имаат тенденција да се спуштаат пополека, како пердув.

Овој нашироко забележан феномен помага да се објасни зошто бензинот остана тврдоглаво скап дури и кога суровата нафта поевтинува, и зошто бензинските пумпи имаат тенденција да стекнуваат поголем профит кога цените паѓаат отколку кога цените растат.

Економистите и креаторите на политики нудат безброј објаснувања за тоа што ги стимулира „ракетите“ и ги прави „пердувите“ полесни за потешко да паѓаат. Меѓу причините што ги наведуваат се корпоративна алчност и дослух, но и интересот на потрошувачите. Потрошувачот кога ќе ја види цената на горивата на бензинските пумпи стравува дека утре ќе биде повисока, па е склон да го наполни резервоарот. А всушност не ни знае дека цената на суровата нафта е падната.

Од другата страна на „добрата зделка“ со полнење резервоари, бензинските пумпи имаат тенденција да го остварат најголемиот дел од својот профит токму кога цените паѓаат како пердув. Кога цените вртоглаво растат, сопствениците на станици заработуваат помалку и може да изгубат пари во хиперконкурентната средина предизвикана од скапиот бензин.

– Најголемиот мит е дека трговците на мало сакаат кога цената расте, бидејќи заработуваат многу пари, рече Том Клоза, глобален шеф за енергетска анализа во OPIS. -Всушност, тие сакаат кога цената паѓа.

Економистите велат дека иако рафинериите може да видат некои привремени бенефити, тие се притиснати од истите сили кои ги уништуваат профитните маржи на мало. Така, на крајот, сè им се враќа на компаниите и земјите што всушност ја вадат нафтата.

– Секој што произведува нафта заработува многу пари во моментов, вели за Вашингтон пост економистот од Универзитетот во Калифорнија во Беркли, Северин Боренштајн. -Тие се среќниците што извлекуваат корист од нарушениот пазар поради кој пазарната цена е многу над нивните производствени трошоци.

Но, иако цените на суровата нафта веќе две недели паѓаат, тие остануваат релативно високи во историски рамки, поради што малку е веројатно дека цените на горивата на бензинските пумпи во блиска иднина ќе паднат на нивоата пред пандемијата, велат експертите./Слободен Печат