Јагнешкото за Велигден ќе биде огин. Се продава по 800, а јагнињата се откупуваат по 250 денари
Цената на јагнешкото месо во продавниците годинава ги руши сите рекорди бидејќи таму каде што го има таа достигнува и до 800 денари….
Со оглед на високите трошоци сточарите сметаат дека откупната цена треба да биде најмалку 250 денари за килограм. Натегањето трае и за време на шпицот на откупот и извозот на јагниња, па деновиве се случува маркетите и месарниците во Македонија да добиваат претежно јагнешки ситнеш, џигер, крезли и јагнешки главчиња, односно тоа што странскиот пазар воопшто не го бара.
Но, и јагнешкиот ситнеж кој е всушност отпадокот, кај нас не е со ниска цена. Цената на јагнешката јатка изнесува 500 денари килограм, крезлите 250 денари, а јагнешкиот џигер се продава по цена од 150 денари за еден комплет со марамица кој обично има тежина од 600-800 грама.
Во слична ситуација е и козарството. Намален е фондот на кози, а со тоа и понудата на јариња, но во некои села во Општините Штип и Карбинци има сточари кои одгледуваат по неколку десетици грла и сега за празниците ги продаваат по цена од 200 денари килограм жива мера.
Трговците се прашуваат како може сточарите да се жалат на ниски цени, а тие да добиваат јагнешко кое мора да го продаваат по високи цени со кои ќе немаат загуба, освен минимална добивка колку да имаат за гола егзистенција.
Ваквата состојба и ниските плати прават голем број касапи во последно време да ја напуштаат работата во месарниците, а некои дури заминале во странство да бидат келнери па дури и овчари најмногу во Хрватска, каде се платени за трипати повеќе од Македонија, велат дека имаат плата по 2.000 евра со обезбедена храна и сместување..
