Надлежните институции веќе ги појаснија причините и утврдените прекршоци кои се случиле за време на настапот на српскиот пејач Аца Лукас во локал во Кавадарци, за ВИКИМЕДИА вели градоначалникот Митко Јанчев, по прекинот на настапот на музичарот кој се случи во раните утрински часови, и по неговото приведување во полиција.
Како што појаснува градоначалникот, Општина Кавадарци го одбила барањето на локалот да се постават маси и столици на тротоарот пред истиот, за време на настанот, а постоела загриженост и поради очекуваниот голем број на посетители, со што би се загрозила безбедноста на гостите.

-Станува збор за локал во кој нема услови да се одржуваат такви, клупски настани со голема маса на народ. Покрај тоа, локалот е лоциран во централното градско подрачје, во станбена зграда. Законите мора да важат исто за сите, ако не се исполнуваат услови и се загрозува безбедноста, треба да се реагира без оглед кој настапува, вели Јанчев.

Од МВР потврдија дека во локалот имало повеќе гости од дозволениот број, не се издавале фискални сметки, се пушело, а пак Лукас немал соодветна дозвола. Пејачот заработи парична казна, а ќе биле поднесени соодветни поднесоци и за организаторот.
Јавните реакции околу настанот кој се најде во центарот на вниманието се поделени.

Додека едни застанаа на страна на пејачот, па дури и голем број на граѓани по неговото приведување дојдоа пред полициската станица да му дадат поддршка, други потсетуваат на пропустите кои доведоа до катастрофалната трагедија во Кочани и порачуваат дека мора да се почитуваат законите.

Инаку, како што раскажуваат дел од присутните на вчерашниот настан, и за Аца, како и за многу други пејачи од странство кои доаѓаат во земјава, имало пакет влезници по цена од околу 300 евра, а поради големата популарност на Лукас, интересот на публиката бил огромен.