Кршењето на мониторот и на микрофоните на пултот на претседателот на Собранието, на собраниската седница за новиот Деловник, пратеникот од Левица Борислав Крмов ќе го чини нешто помалку од 10.000 евра, со вклучена амортизација, информира претседателот на Собранието Талат Џафери.
Тој повтори дека Крмов не може да се повика на имунитет, оти имунитетот важи само за искажан збор на говорница. Според Џафери, ако Крмов не плати за нанесената штета во Собранието,има законски постпки и процедури.
-За мене обврска е да водам сметка за тоа што е обврска и одговорност на пратениците. Пратеникот има права да располага со средствата тука и да има помош од техниката и од службата, но тоа не значи дека има права да крши. Настанот кој што се случи во Собранието е пријавен во МВР и е извршен увид на лице место. Пријавата е дека во Собранието се случува насилство. Ако сметаат дека има елементи на кривично правна одговорност ќе треба да се обратат до обвинителството – вели Џафери.
За разлика од Крмов, пратеникот од ДУИ Арбер Адеми нема да ја плати штетата кога на комисиска расправа искорна микрофони, бидејќи настанот не бил пријавен. Од комисиската расправа немало директен пренос, туку одела репризна снимка и никој не го пријавил инцидентот.
Крмов по инцидентот изјави дека ќе ја плати штетата.
-Видов дека претседателот Џафери изјавил дека ќе ми ја пратат сметката. Слободно, тоа е најмалиот проблем, ќе ја платиме штетата, но штетата од процесот е неповратна – рече Крмов.
Според него, Собранието со новиот Деловник на еден начин се самоукина, затоа што според него, повеќе нема да постои опозиција која ќе може да ги блокира лошите закони.
-Собранието сега е само еден обичен извршител на Владата и следната Влада. Веќе нема да има Собрание – рече пратеникот.
