Цените на становите во Скопје уриваат рекорди. За најатрактивните населби Центар, Карпош, Аеродром и Кисела Вода цената за квадратен метар достигнува и до 1.500 евра. Причината се бара во поскапените материјали за градба.

Но, додека високите цени на новите станови се донекаде оправдани поради поскапените материјали, која е оправданоста на сопствениците на стари станови кои ги продаваат по цена како да се градени во време на економмска криза?

Претседателот на градежната комора Ивица Јакимовски вели дека во моментов се случува неконтролиран процес во однос на растот на цените на становите поради случувањата во Украина.

– Имаме неконтролиран процес кој постојано се менува, не можеме да кажеме дали ќе имаме пораст на цените на становите. Апелираме будно да се следи состојбата и да не се носат непромислени одлуки од страна на градежните компании. Тие не смеат да дозволат да има нереално покачување на цената на становите. Во моментов цените на становите во Центар, Карпош, Аеродром и Кисела Вода се движат од 1.200 до 1.500 евра за квадратен метар. Може да се најде стан и за пониска цена, но во помалку атрактивните населби. Тоа дека локацијата, а не само високата цена на градежните материјали, игра улога во креирањето на цената не е ништо ново, вели Јакимовски.

Според него, мора да се направи регулација на пазарот на недвижнини со што ќе се побара оправданост на покачувањето на цената на старите станови.

– Контрадикторно е по иста цена да се продаваат новите станови за кои навистина постои реална причина за поскапувањето, и стари станови дури и по 40 години. Затоа мора да постои регулација на пазарот на недвижни според која ќе се регулира цената на старите станови во однос на новите градби. Во моментов никој не може да ги ограничи сопствениците или да им каже според која сума да го проценат нивниот имот. Тие едноставно ја користат ситуацијата и можноста нивните стари станови да ги продадат за висока цена, вели Јакимовски.

Игор Панчевски, сопственик на агенцијата за недвинини „Левел 7“, во изјава за Слободен печат вели дека понудата на станови во Скопје е многу мала, поради што, меѓу другото растат и цените на становите.

– Понудата на станови во Скопје е под нивото, новите згради што се градат се веќе продадени и тоа уште пред да се изградат. Од друга страна, сопствениците на стари станови ги следат цените на пазарот и не сакаат да прават отстапки во однос на цената. Ние ги советуваме да направат разлика во цената со цел да бидат и поконкурентни на пазарот, но и да ја имаат во предвид сумата потрошена за купување на истиот стан, односно да не се обидуваат да направат двојна заработка, но речиси секогаш остануваат на ставот дека имотот го проценуваат на повисока вредност, вели Панчевски.

Поскапувањето на становите, но и зголемените трошоци за загревање и ладење, наметнати со покачувањето на цените на енергенсите, свесноста на луѓето за значењето и придобивките од неконвенционалните градби, кои се познати и како монтажни објекти, според инволвираните во овој тип на градба, довеле до драстичен раст на нарачките за изградба на вакви домови.

Роберт Хот, сопственик на компанијата за градење семејни екокуќи „Хот и Хот“ вели дека изминатава година драстично е зголемен интересот за купување на куќи.

– Можеби цената на становите придонесе за зголемениот интерес за купување монтажни куќи, но не е причината само во тоа. Нашите куќи ги купуваат млади парови со деца кои сакаат комоција и чист воздух, надвор од градскиот метеж. Ако за куќа од 100 квадратни метри до пред една година требало да се плати околу 34.ооо евра, сега за истата куќа треба да се плати околу 41.000 евра, што е покачување за околу 25 проценти, вели Роберт Хот./Sloboden Pecat