Доколку ставиме по два килограма од сè што е потребно (зелка, карфиол, корнишони, моркови, зелен домат, жолти пиперки, рен, динчиња), подготовката на живата туршија ќе нè чини над 1.000 денари, односно 1.010 денари.

Купувачите на зелените пазари креваат рамена и велат дека нема да ставаат жива туршија во толкава количина како лани, некои, пак, воопшто немаат намера да го прават тоа бидејќи немаат доволно пари. Продавачите на тезгите, пак, реагираат дека, од една страна, купувачите се жалат дека е скапо и дека немаат пари да купат, односно сите се со рацете в џеб, а, од друга страна, кафеаните во Скопје се полни

Судејќи според изгор цените на зеленчукот на зелените пазари, зимницата годинава ќе биде солена. Особено живата туршија, која иако досега беше традиција, зимава, изгледа, станува луксуз и ретко кој ќе си дозволи да ја подготви или, пак, ќе го стори тоа во намалени количини.

Според она што можеше да се забележи на Зелениот пазар, еден килограм морков чини 50 денари, додека зелката се продава по 30 денари за килограм. Карфиолот е поскап и чини 60 денари, додека корнишоните достигнуваат цена и од 70 денари за килограм. Доколку, пак, сакате да купите брокула, таа ќе ве чини дури 180 денари. Везените пиперки се движат од 40 до 60 денари за килограм, додека зелениот домат се продава по цена од 50 денари.

Боранијата е 100 денари, додека ренот е 100 денари парче доколку сакате да го ставите во живата туршија, наместо есенција, за да ви трае подолго. Жолтите пиперки чинат 120 денари за килограм и можеа да се најдат само на едно место, лукчето на парче може да се најде за 15 до 30 денари, а динчињата се по 30 денари за килограм. Празот чини 40 денари страк, а компирот се движи од 40 до 50 денари за килограм. Килограм боранија се продава по 100 денари, додека лутите везени пиперки чинат 60 денари за килограм. Црвените пиперки сега се продаваат по 60 денари за килограм.

Тоа значи дека доколку ставиме по два килограма од сè што е потребно (зелка, карфиол, корнишони, моркови, зелен домат, жолти пиперки, рен, динчиња), подготовката на живата туршија ќе нè чини над 1.000 денари, односно 1.010 денари.

Купувачите креваат рамена и велат дека нема да стават жива туршија во толкава количина како лани, а некои воопшто немаат намера да го прават тоа, бидејќи немаат доволно пари.

-Годината ќе подготвам само малку жива туршија. Погледнете ги само цените! Корнишоните се 70 денари, карфиолот 60 денари! – вели купувач.

Друга жена, пак, вели дека годинава е многу скапо да се купи зеленчук за да се стави жива туршија за зимата.

-Многу е скапо. Затоа ќе намалам годинава. Лани, ако купував по два килограма од сè што е потребно за жива туршија, сега ќе ставам по еден килограм – нагласи таа.

Некои не ни помислуваат на зимница.

-Каква туршија, ништо не ставам! – отсечно изјави скопјанка, која се интересираше за цените на производите на тезгите.

Иако имаше метеж на Зелениот пазар бидејќи беше викенд, продавачите не беа задоволни од продажбата. Тие велат дека се засегнати од кризата и од скапотијата и се жалат на високите набавни цени.

– Од една страна, купувачите се жалат дека е скапо и дека немаат пари да купат. Сите со рацете в џеб. Од друга страна, кафеаните во Скопје се полни – реагира продавач.

Друг, пак, вели дека сите се засегнати од економската и од енергетската криза.

-Илјада денари станаа како 100 денари. Нема плати. Просечната плата е 18.000 денари, а што ќе купиш со нив? Не знам до каде ќе оди сево ова – нагласи тој.

На него се надоврза друг: „Се чувствува скапотијата, побарувачката на нашите производи е многу намалена“.