Британскиот полицаец Бен Пери во 2018 година ја изгубил десната нога во несреќа. Неодамна, тој требал да го докажува својот инвалидитет, а во оваа постапка му помогнал неговиот доктор. А писмото на докторот го насмеа целиот свет.

Ногата на Пери му била ампутирана во 2018 година откако го удрил автомобил додека тој му помагал на друг возач кој имал сообраќајна несреќа. Поминал 23 недели во болница, а возачот кој го удрил подоцна бил осуден поради несовесно возење, пренесува „BBC“.

Кога неодамна сакал да ја обнови својата сина ознака со која има право на паркирање на места наменети за инвалиди, советот во округот Ворчестершајр го одбил неговото барање со објаснување дека мора да „приложи повеќе докази за својот инвалидитет“.

Откако му кажал на својот доктор што се случило, тој составил писмо за советот во кое пишува дека „ногата на Пери веројатно нема да порасне“.

„Бев многу изненаден кога морав да дадам изјава која се однесува на инвалидитетот на Бен. Можам да ве уверам дека навистина имаше трауматична ампутација на долниот дел од десната нога поради несреќа. Поради тоа сега има голем инвалидитет пропратен со силни болки.

Некои денови може самостојно да се движи, додека понекогаш силните болки го спречуваат во тоа. Би бил многу благодарен кога би го зеле тоа предвид кога во иднина ќе се занимавате со неговите барања. Мала е веројатноста дека оваа ситуација ќе се промени, освен ако поради напредокот на медицината повторно не му порасне нога“, стои во изјавата на докторот.

Во меѓувреме, советот му го одобрил неговото барање, а твитот во кој овој Британец ја објаснува целата ситуација добил повеќе илјади лајкови.