Во текот на вечерните и ноќните часови, по котлините, речните долини и низините локално ќе се формира магла и ниска облачност. Во останатите делови од земјата ќе биде малку до умерено облачно и суво, соопшти Републичкиот хидрометеоролошки завод.
Утре наутро на пониските предели, во котлините и речните долини повторно ќе има магла и ниска облачност, кои на некои места ќе се задржат до претпладне.
Ветерот ќе биде слаб и променлив. Најниската температура ќе се движи од -2 до 5 °C, а највисоката од 9 до 14 °C, додека во местата со целодневна магла ќе биде постудено.
Во среда се очекува најмалку појава на магла и најдолги сончеви интервали во поголемиот дел од земјата. Но од четврток (11.12.) па сè до крајот на периодот (16.12.) во повеќето пониски предели ќе има целодневна магла и ниска облачност. Дневните температури на средината од неделата ќе достигнуваат и до околу 15 °C, а потоа ќе бидат во опаѓање.
Во Скопје повеќе сончеви периоди се очекуваат во вторник попладне и во среда (09–10.12.), а во остатокот од неделата ќе биде магловито и мрачно.
