Македонија веќе не е на листата безбедни Ковид земји. Европската Унија го обнови списокот на т.н. земји од црвената зона, каде освен Македонија се најдоа и САД, Израел, Косово, Црна Гора и Либан. Иако се препорачуваат дополнителни рестриктивни мерки за влез во ЕУ, сепак секоја држава поединечно треба да донесе одлука дали и под кои услови ќе дозволи влез за граѓаните од Македонија.

Во Грција и натаму ќе може да се патува со сертификат за вакцинација или доказ за прежан Ковид-19 пред најмногу шест месеци. Но, властите го задржуваат правото по случаен избор да ги тестираат патниците.
Но, во Бугарија не е дозволен влез за граѓани од земјава, дури и ако се вакцинирани. Влез во Бугарија со целосна имунизација или негативен ПЦР е дозволен само на одредени категории граѓани кои имаат посебен статус, како што се медицински лица, студенти, сезонски работници или официјални лица.

Во Германија може да се влезе со негативен ПЦР, вакцинален картон или доказ за прележан Ковид-19, но мора да се оди во карантин 10 дена. Но, карантинот може да се прекине на петтиот ден ако се направи негативен тест.

Во Франција се влегува исклучиво за важни цели, но со задолжителен негативен тест и 10-дневен карантин.

Министерот Филипче вели дека ваквите рестрикции од ЕУ се во прилог на политиката за што поголема вакцинација.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ не е изненадување одлуката на ЕУ бидејќи сметаат дека власта лошо менаџира со коронакризата.

Додека европските држави редовно ги ажурираат информациите на официјалните веб страници за правилата за патување, на сајтот на македонското МНР податоците се стари речиси неколку месеци, а надлежните допрва стапуваат во контакт со странските амбасади во врска со условите за патување.

Инаку, од утре и Македонија има нови правила за минување граници. За влез во земјава ќе мора да се приложи сертификат за целосна вакцинација, доказ за прележан Ковид-19 пред најмногу 45 дена сметано од денот на престанок на изолацијата или негативен ПЦР тест направен пред најмногу 72 часа. Во спротивно патниците ќе мора да бидат во домашна изолација 7 дена. За транзит низ земјава се дозволени 5 часа.
Извор/Сител