Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави дека учениците ќе поминуваат подолго време во училиште, со цел да се подобрат знаењата и вештините и да се постигнат резултати споредливи со оние на европските ученици. Таа порача дека нашите деца не се ништо помалку способни, но дека е неопходно дополнително време кое ќе се вложи во квалитетна работа.

Јаневска истакна дека наставниците ќе минуваат низ нови обуки за да преминат од улога на предавачи на факти во улога на ментори и партнери во процесот на учење. Дел од тие обуки ќе бидат насочени кон читање со разбирање, што е една од слабите точки што ги покажуваат меѓународните тестирања.

Покрај тоа, во тек е подготовка на нови концепции за гимназиско и уметничко образование, по што ќе следуваат нови наставни програми, учебници и испитни програми за државната матура. Кога ќе се заокружи целиот процес, ќе биде донесен и нов Закон за средно образование.

Министерката нагласи дека високото образование се соочува со ниска ефикасност, што ќе се адресира преку зајакнување на механизмите за квалитет, согласно европските стандарди. Агенциите за евалуација и акредитација ќе се унапредат, а универзитетите ќе треба да се фокусираат на релевантноста на студиските програми.

„Може да имате најмодерни училници и најдобри програми, но без добар наставник нема квалитетно образование,“ рече Јаневска, истакнувајќи ја клучната улога на Педагошкиот факултет. Во рамки на факултетот функционираат три институти – за предучилишно образование, одделенска настава и библиотекарство – и се реализираат студии од сите три степени.

Таа додаде дека дигиталната трансформација и новите технологии ја менуваат реалноста, па затоа се потребни наставници кои уште од раната возраст ќе постават стабилни основи за учење, размислување и развој на социјални и когнитивни вештини.

„Реформирајте ги програмите, ние ќе ве поддржиме,“ порача Јаневска, нагласувајќи дека сите сегменти на образовниот систем мора брзо да се подобруваат ако сакаме повисок квалитет. Таа повика Педагошкиот факултет активно да се вклучи во обуката и професионалниот развој на воспитувачите и наставниците.

На панел-дискусијата организирана по повод 30 години од постоењето на Педагошкиот факултет, министерката оцени дека образованието има голем простор за напредок, а реформите кои се во тек се чекор токму во таа насока.

Извор: Press24