радоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиески, денеска објави дека Инспекторатот на Град Скопје започна широка акција за воспоставување ред во јавниот превоз, насочена кон дивите превозници кои со години работат без лиценци и надвор од законските рамки.

Според градоначалникот, ова е исполнување на едно од клучните ветувања дадени пред скопјани – дека хаосот во превозот ќе стане минато.

„Законите мора да се почитуваат – ред ќе има“

Ѓорѓиески потенцира дека акцијата опфаќа такси возила, комбиња и автобуси кои незаконски вршат превоз на патници. Возилата затекнати во нелегална работа ќе бидат одземани на период од шест месеци, а сопствениците ќе добиваат казни со платен налог.

„Нашата цел е јасна – заштита на граѓаните, фер конкуренција и почитување на законите кои важат за сите,“ изјави Ѓорѓиески.

Интензивни контроли секој ден

Инспекциските служби најавуваат засилени контроли во следниот период, со уште поголем интензитет.

Градоначалникот додава дека целта не е казнување по секоја цена, туку создавање здрав систем во кој секој што работи – ќе работи легално, одговорно и транспарентно.

Скопјани ќе добијат сигурен и регулиран превоз

Со овие мерки, скопјани конечно ќе можат да користат безбеден, регулиран и проверен превоз – без импровизации и без ризик.

„Ова е само еден од чекорите со кои го враќаме достоинството на нашиот град. Скопје мора да биде град во кој редот е правило, а не исклучок. Промените почнаа и ќе продолжат,“ порача Ѓорѓиески.