Како Македонци од Украина стигаат на безбедно? Македонецот Петар Исаковски заедно со своето семејство успеал да се качи во возот полн бегалци и безбедно стигнал до Полска … Веќе четири дена Исаковски заедно со сопругата и нивното бебе спијат мирно, без да слушаат сирени и да стравуваат за своите животи …




Два дена и две ноќи, околу 50 часа, помеѓу 200 луѓе во еден вагон…Вака дваесет и седумгодишниот Македонец Петар Исаковски за Канал 5 раскажува за патешествието низ патот на бегството од Украина.




Тој,заедно со својата сопруга и нивното тримесечно бебе, успеал да се качи во возот кој од украинската област Запорожје, по безбедна „зелена“ рута пред неколку дена стигнал дополскиот град Хелм. Сега се сместени кај полско семејство кое за нив ги отворило вратите на својот скромен дом.




-Во еден вагон требаше да бидат по 100 луѓе, но потоа имаше многу мали дечиња, жени, стари лица, па ни беше кажано дека нема да има конфорт, како и дека не се знае колку ќе се патува. Возот беше снабден со се меѓутоа, дојде до момент кога снема вода и други работи. Но, за среќа, благодарен сум им на сите волонтери во Украина, бидејќи, во секое село и град каде што застанавме, луѓе трчаа кон нас, со вода, храна, сокови, памперси, кашички за децата. Па на овој начин, не бевме оставени сами на себе, изјави Петар Исаковски




Петар заедно со неговото семејство веќе неколку дена мирно спијат бидејќи повеќе не слушаат сирени и пукотници. Иако вели, во Запорожје, областа во која живееле, каде е и најголемата нуклеарна централа во Европа, за среќа, не виделе многу од воениот хорор бидејќи руската војска се уште нема влезено во овој дел.




Спиеш и наеднаш почнува сирената, ја слушаш, се будиш и трчаш да се сокриеш и тоа е тоа. Фала му на бога не видовме полошо од тоа, но и тоа е лошо доживување. Ни беа потребни ден два најпрво да се одмориме од возот, а второ, едноставно нема сирени, нема ништо, иако малку е тоа што ние го видовме за разлика од она што го минуваат оние во Киев, Херсон, изјави Петар Исаковски




Инаку, според последните официјални информации досега од Украина се евакуирани повеќе од стотина македонски граѓани. Од МНР засега нема одговор уште колку Македонци се уште чекаат да бидат извлечени од украинските градови.
