08.12.2025 — Професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, преку објава на својот Фејсбук профил истакна дека Македонија нема да гради оградени кампови за мигрантите, туку станбени објекти во кои ќе бидат сместени лицата чии азилни барања се одбиени во Велика Британија.
„Нема да се градат оградени кампови, но ќе се градат станови за одбиените азиланти, кои ќе можат слободно да се движат насекаде. Неколку илјади луѓе, кои дури и за многу поголемата Велика Британија се сметаат за товар, ќе се преселат тука – евентуално за да ни ја простат гаранционата премија од околу 339 милиони евра за кредитот за брзата пруга“, пишува професорот.
Според него, Македонија ризикува да прифати сериозен товар, а притоа да ги изгуби клучните финансиски средства што повторно би се вратиле кај Британија.
„Ниту ни треба брзата пруга, која веќе најавува загуба од најмалку 3,3 милијарди евра, ниту ни треба дополнителен социјален и безбедносен предизвик“, додава Трајковски.
Тој предлага, доколку државата веќе прифаќа бегалци, обврската да биде финансиски поддржана:
„Ако веќе ги примаме, тогаш подобро да ни исплатат по 110 илјади фунти по бегалец – исто како што беше договорено со Руанда. Со тие средства ќе изградиме станови, ќе отвориме работни места и ќе го поттикнеме домашниот економски раст.“
Во спротивно, предупредува тој, Македонија ќе ги гради становите со сопствени средства, додека 339-те милиони евра од гаранцијата повторно ќе завршат во Велика Британија, кај UKEF.
„Покрај тоа, ќе направиме загуби со пругата и трајно ќе ја уништиме Вардарската Долина. Сè што прави оваа власт е чиста штета и загуба за државата“, вели професорот.
